Кој ја води економијата додека никој не гледа?

 

„Секогаш кога ќе добиеме шанса да напредуваме, тие ја поместуваат целта“.

Дороти Вон, Скриени фигури

 

Неодамна го гледав филмот “Hidden Figures”, кој ја прикажува приказната за неколку Афроамериканки во НАСА чија брилијантност помогна да се испратат луѓе во вселената – но чии имиња недостасуваа во книгите по историја. Па поттикнат од филмот се инспирирав за нова колумна а со тоа и да го адресирам прашањето за тоа кои се „скриените фигури“ на Северна Македонија?

За изненадување, одговорот е познат. Тие не се научници во лабораториски мантили или инженери во контролните простории. Тие се жените кои се грижат за домот, ги подготвуваат децата за училиште, се грижат за постарите родители. Невидливи за економијата, но суштински за општеството.

Како котираат жените во работната сила?

Да почнеме со бројките. Во Северна Македонија, само 42,8% од жените се дел од работната сила, во споредба со 62% од мажите. Тоа е далеку под глобалниот просек од 48,7%, а уште подалеку од просекот на ЕУ. Ова не се само статистика, станува збор за илјадници жени чии таленти, амбиции и вештини остануваат неискористени.

Слика 1. Учество на работната сила: Северна Македонија наспроти Eврозоната

Добро, но што значи ова за економијата? Неодамнешните проценки (Finance Think, 2025)[1]  сугерираат дека доколку жените во Северна Македонија учествуваат во работната сила со иста стапка како и мажите, БДП на земјата би можел да биде до 8% повисок, а нивниот труд вреднат според моменталната минимална плата е еднаков на 25,8% од БДП . Тоа е значителна загуба во потенцијалниот раст.

 

Добро тогаш зошто повеќе жени не се активно вклучени во економијата?

Во овој блог-пост, се фокусираме на неколку клучни детерминанти кои го диктираат учеството на жените во пазарот на трудот: културните норми т.е. грижа за домот, семејството и за повозрасните, и распределбата на времето.  Овие причини се едни од неколкуте но и најзанемарени двигатели на женската неактивност во Западен Балкан и Северна Македонија.

Неплатена смена: Како домашната работа ги држи жените надвор од работа

Причината зошто толку многу жени се инволвирани во домашна работа е далеку од нова. Напротив,  со генерации културолошката и општествените норми диктираат мажите да бидат во улога на ‘breadwinners’, а жените да останат дома и да се грижат за семејството. Овие идеи сè уште ги обликуваат домаќинствата денес. Значи, дури и ако тоа не е секогаш свесна одлука, жените често завршуваат во улога на ‘домаќинка’. Не зборувам само за „подавање рака“ – влогот кој жените го даваат во домот е еднакво на втора работа со полно работно време, само без плата.

Во просек, жените во Северна Македонија поминуваат околу 30 часа неделно на неплатена работа во домаќинството. Мажите? Околу 10.

Понатамошното расчленување на улогата на „домаќинки“ кај неактивните жени сугерира дека големо мнозинство – околу три четвртини – се навистина домаќинки во вистинска смисла на зборот, т.е. се грижат за домашните работи (Слика 2).

Слика 2 – Состав на улогата на „домаќинки“ во Северна Македонија

Извор: Државен завод за статистика – Анкета за работна сила (2023).

 

Грижа за деца

Друг фактор што придонесува за улогата на жената како домаќинка е грижата за децата. Во Северна Македонија има речиси 130.000 деца под 6 години. Но, само во 2022 година биле запишани 36.000 во градинка. Тоа е стапка на упис од 28 отсто и драстично опаѓа во руралните области.

Слика 3. Вкупно и запишани деца на возраст од 0 – 6 години

 Бројот на градинки во земјата е исто така ограничувачки фактор, само 117 вкупно, што е далеку од доволно за популацијата на деца на возраст од 0-6 години. Дополнителен проблем е нерамномерната распределеност, што им го отежнува пристапот на семејства од руралните средини. Урбаните области како Скопје имаат повеќе центри, но сè уште не можат да ја задоволат побарувачката: уписите во Скопје изнесуваат само 33,5%, а многу родители се соочуваат со долги листи на чекање. Во Источниот регион и покрај тоа што има одреден број на капацитет за грижа на деца, уписите се само 8%, најверојатно поради транспортните и логистичките бариери.

 Слика 4. Дистрибуција на градинки низ државата

Товарот на грижата за стари лица

Грижата за родителите е уште една главна причина зошто жените остануваат без доволно време и платена работа.

Северна Македонија има само 43 центри за нега на стари лица, што покрива само 6% од повозрасната популација. Повеќето се приватни и скапи, групирани во Скопје. Тоа ги остава семејствата, особено ќерките да го преземат товарот. Ова заедно со фактот дека во нашата култура, често се смета за морална должност за децата, особено за жените, да се грижат за болните или остарените родители дома. Оттука тоа невидливо очекување додава уште еден слој на притисок врз жените на работоспособна возраст. Слика 5 ги прикажува ставовите за негата на болен родител.

Слика 5 – Ставови за нега на болен родител

Времето е сојузник на повеќето мажи

Дури и кога ќе ја разгледаме распределбата на времето помеѓу мажите и жените – Слика 5 особено нагласува дека жените трошат значително повеќе време – околу три пати повеќе во споредба со мажите кога станува збор за  домашни активности – грижа за домот, грижата за децата и грижата за стари лица. Вкупната вредност на ова потрошено време за домашни активности, вреднeто според минимална плата е еднакво на 25,3% од БДП. Односно, неплатената домашна работа е ¼-ина од економијата на Македонија.

Слика 6 – Распределба на време по мажи и жени во Северна Македонија

Извор: Државен завод за статистика – Анкета за искористување на времето (2014/15).

 

Добро, но како понатаму?

Видете, треба да ја гледаме големата слика. Поделбата на активностите на родова основа треба да се адресира поструктурно. Во најмала рака треба да поткрева свесноста за оваа неплатена работа, треба да се создатат услови што ќе им овозможат на жените да може учествуваат во работната сила. Секако, стратегиите кои се дефинираат на национално ниво се од исклучива важност, но сметам дека со неколку практични промени на микро-ниво т.е. на ниво на фирма, може да се направи значајна разлика. Подолу и неколку предлози во оваа насока:

  • Флексибилни работни опции: Компаниите можат да ги поддржат вработените нудејќи флексибилно работно време или аранжмани за работа на далечина. Ова им помага на жените да ги балансираат работните обврски со должностите за грижа, особено за време на важни животни фази како што е раното мајчинство.
  • Грижа за деца на лице место или фирма: Наместо да чекаат решенија за јавна грижа за деца од големи размери, некои фирми би можеле да инвестираат во мали центри за згрижување деца на или во близина на работното место. Ова ја намалува една од главните бариери за учество, особено за мајките на мали деца.
  • Поддршка за самохрани мајки: Прилагодените иницијативи, како што се обука за работа, финансиска поддршка или посветено советување за кариера може да им помогнат на самохраните мајки да останат активни на пазарот на трудот без да ја загрозат нивната улога на грижа.
  • Менување на перцепциите преку свесност: Јавните образовни напори, вклучувајќи ги училишните програми и медиумските кампањи, можат постепено да ја преобликуваат перцепцијата дека грижата е исклучиво улога на жената. Промената на социјалните очекувања е клучна за долгорочен напредок.

 

Ви благодариме што прочитавте,
До следниот пат!

 


Визуелизација на податоци за оваа објава

Собрав интересна визуелизација на податоци за ова издание

Вработените Американци продолжуваат да работат за време на ручекот


Што читам во последно време?

Еве неколку интересни написи што ги прочитав неодамна:

Дигиталната корупција го презема DC

Детален поглед на тарифите за автомобили на Трамп

Дали Bond Vigilantes купуваат биткоин?


Методологија

Предложена методологија: Арелано-Бонд

 

Ова е објава број 004. Сите прашања или предлози поврзани со пресметките или содржината на овој блог може да се достават до theecondigest@gmail.com.

 

[1]

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Fill out this field
Fill out this field
Please enter a valid email address.
You need to agree with the terms to proceed